„За сите народи важат едни правила, само за Македонците други!“ – оваа мисла ми доаѓа на ум кога ја гледам нашата голгота кон патот кон ЕУ. И не е вака само денес. Вака било и пред повеќе од еден век. Кон крајот на 19-тиот век, Отоманското Царство почнало да слабее. Империјата влегла во економска криза. Султанот бил исцрпен од долгогодишните Кримски војни со Русија. На Царството му се заканувало распад. За да го стабилизира Царството, Султанот почнал да дели автономии на народите кои таму живееле. Само Македонците не добиле автономија. После падот на Крушевската Република во 1903 година, Османлискиот аскер оди од село во село во Македонија и врши масовни ѕверства. Во пост-Крушевскиот период, Македонија гори и крвари. Јавноста во Европа ова го гледа со згрозување, но не превзема ништо. Султанатот е сојузик на САД и Австро-Унгарија кои го гледала Султанот како браник кон Русија.
Европските дописници праќаат извештаи кон нивните весници за големите злосторства врз Македонците. Но тоа не менува ништо. За Македонците и тогаш важеле други правила. Некои критични новинари и илустратори објавуваат критики кон овој нефер однос на Европа врз Македонците. Еден од нив бил Италијанецот Аугусто Мајани (Augusto Majani) (1867-1959), познат под прекарот „Насица“ (Nasìca). Мајани магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Болоња како студент на познатите сликари Џорџи Моранди и Бруно Саети. Бил меѓу најценетите илустратори во неговата ера, дефиниран како „карикатурист на интелектуалците”. Неговите карикатури и илустрации биле објавувани во списанијата Italia ride, Novissima, Fantasio, La Lettura и il Secolo XX.
Во 1903 година, Надсица ја изработува сатиричната илустрација „Македонското Прашање“ (“La questione Macedone”) каде што искрварено и мртво македонско семејство тропа на Рајската Порта.
Рајската Порта има исламски облик. Во тоа време, Рајската Порта била портата на Султанот кој давал Слобода и Автономија на оние кои што тропнувале на портата. Но не и на Македонците. Текстот на илустрацијата гласи: „Ако тропаш, ќе се отвори, но не и за оној кој тропа“ – Прв стих од Куранот“. (“A chi bussa sarà aperto; a chi piglia le busse, no!- I° versetto del Corano”). Текстот на Насица е карикирана верзија на текстот од Библијата – житие на Матеј : “Побарајте и ќе ви биде дадено, барај и ќе најдеш, чукајте и вратата ќе ви се отвори. Зашто секој што бара добива, тој што бара наоѓа. а на оној што чука ќе му се отвори вратата.“
Насица карикира со наводна исламска верзија на овој пасус. Со тоа го критикува и Исламот како олицетворение на Османлиското Царство за овие ѕверства врз Македонците, но во исто време ја критикува и христијанската Италија и Европа за нивното недејствување да ги спречат овие ѕверства и да им дадат на Македонците исти шанси и правила кои ги имале другите европски народи.
Така било тогаш, така е и денес. Единствената разлика е што Портата на Рајот има подруга форма- обоена е во сино и украсена со жолти ѕвездички. Оригиналната илустрација на Насица – „Македонското Прашање“ во овој момент е понудена на продажба од италијанската аукционерска куќа Fummeti. Аукцијата е закажана за 9-ти мај во 15:00 часот. Илустрацијата е под реден број 252, со почетна цена од 300 евра.
Доколку сте заинтересирани – повелет , наддавајте.
Изворно објавено на: 27.04.2024
Редакцијата на „Порта 3“ со задоволство ги пренесува и споделува дел од колекционерските ризници на Влатко Милошевски и на тој начин сака да ја поддржи неговата мисија.
Линк до неговата веб траница: тука
Линк до неговата фејсбук страница: тука