Во периодот кој следува, ќе ги споделуваме културните, етнолошки, архитектонски и др. елементи од минатото на македонското поднебје, раскажани и колекционирани од неуморниот Влатко Милошевски.
– Денот ми почнува со проверка на тоа што ми донеле „пребарувачите“ минатата вечер. Пред дваесетина години, ако сакав да најдам нешто македонско понудено од странските аукционерски куќи на интернет, требаше да ги пребарувам аукционерите лично еден по еден, и објект по објект низ каталогот. Денес на интернет постојат т.н. „агрегатори“ – веб страници кои се всушност портали кон аукционерските куќи. Овие портали ти нудат услуги за брзо пронаоѓање на она по што трагаш, лесно наддавање, потсетување дека објектот што го бараш наскоро доаѓа на продажба, плаќање,…. Можеш да оставиш листа од зборови (на пример: Macedonia, Mazedonien, Macedoine, Skopje, Ohrid… ) и секое утро овие портали ти праќаат имејл ако некаде се појавил објект кој во описот содржи некое од овие зборови. Како да се овие портали некаква рибарска мрежа фрлена одвечер во езерото, а ти секои утро си ги собираш рибите фатени во мрежата. Скоро секоја недела оваа „мрежа“ ќе фати нешто интересно. Оваа недела такво „рипче“ дојде од аукционерста куќа Yann Le Mouel од Париз, Франција.
*Поглед кон Водно и селото.
Всушност Yann Le Mouel е познат колекционер на многу ретки антрополошки фотографии и графики и од време навреме самиот сѝ организира аукции. Кај него можат да се најдат многу интересни стари фотографии од племиња во Абисинија, домородци од Мадагаскар, Бедуини од Сахара, Индијанци од Перу, Рибари од Сардинија…. едно патување низ времето и низ светот во неговата колекција на стари фотографии.
На септемвриската аукција под број 238, господинот Le Mouel понуди еден албум на фотографии од 1926 од изградбата на водоводот и чешмата во село Ракотинци кое се наоѓа од сончевата страна на Водно, на 8 километри од Скопје. Во албумот кој содржи 13 стари фотографии се гледа како селаните од Ракотинци ги поставуваат цевките, како се ѕида чешмата на сред село, како селскиот поп го благословува водоводот, за да на крај се направи една голема забава и се врти оро. Чешмата е направена од Хидротехничкиот Завод кој го формирале Србите во стара Југославија. Чешмата е посветена на кралот Александар. Оваа спомен плоча која се гледа на сликите денес не постои. Чешмата сеуште постои и денес, но е видоизменета.
*Се поставува водоводот.
*Се осветува водоводот.
* Прослава по истиот повод.
* Чешмата денес.
Една фотографија од албумот на отворањето на чешмата во Ракотинци ме изненади многу: На овој значаен настан присуствувал и францускиот професор од универзитетот Сорбона од Париз- господинот Блондел. Според аукционерската куќа, станува збор за познатиот француски филозоф и теолог Морис Блондел (Maurice Blondel) (1861—1949).
Блондел работел на почетокот на 20-тиот век и во неговите книги ја проучува метафизиката, теоријата на акции и врската помеѓу верата и причината. Во новиот 20-ти век (Французите го нарекувале “Belle Epoque”), науката се развивала со толку брзо темпо што теолозите и верниците биле загрижени за верата и нејзината улога во новите времиња. Филозофот Блондел се занимавал со тоа и трагал по докази на верата во секоја акција која човекот ја превзема. Од каде пак овој значаен француски теолог и филозоф се нашол на отворање на чешма во Ракотинци? На Интернет има многу написи за неговата филозофија и академска кариера, но ништо за неговите патувања. Ќе остане мистерија неговата врска со Ракотинци, Скопско.
Колку ли само тајни и непознати приказни содржи Македонија во себе?
*Извадок од богатата збирка објави на „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“
Редакцијата на „Порта 3“ со задоволство ги пренесува и споделува дел од колекционерските ризници на Влатко Милошевски и на тој начин сака да ја поддржи неговата мисија.
Линк до неговата веб траница: тука
Линк до неговата фејсбук страница: тука