Во галеријата Maruani & Noirhomme во Брисел отворена е изложба на фотографии „Бензински пумпи“ на истакнатиот американски комерцијален фотограф David LaChapelle. Тој долги години беше еден од најомилените модни фотографи на најголемите ѕвезди, режисер на музички спотови и филмови. Неговата работа е често опишувана како „кичести поп надреализам“, како контроверзна и комплексна работа која го одразува тековниот момент во времето, нудејќи повеќеслоен субверзивен ракопис.
Во 2006 година, тој најави повлекување од светот на модата и celebrity фотографијата и целосно посветување на уметничката фотографија. Титулата современ уметник совршено ја опишува неговата тековна активност: возбудлив, социјално чувствителен, љубопитен и аналитичен, но со желба да не сугерира заклучоци, туку објективен приказ кој остава простор за различни ставови.
Нафтата е почетната точка за овој проект.
Никогаш во историјата ниту една војна, религија, одредено општество и политичка структура не влијаеле на човештвото како откривањето на фосилните горива. Токму нивното користење ги овозможи достигнувањата на модерната цивилизација. Малите модели на бензински пумпи LaChapelle ги направил со тим соработници, и ги поставил и фотографирал во тропските шуми на хавајскиот остров Мауи. Шумите го симболизираат минатото и самата суровина која ја создала нафтата. Самата аналогна фотографија без постпродукција го симболизира несовршенството на човечките раце, како што е несовршен и начинот на искористување на енергијата што денес човекот го практикува.
Атмосферата на фотографиите ја изразува мирната празнина на сликите на Едвард Хопер. Бензинските пумпи стојат среде прашума. Тие нудат гориво, енергија, но на кого? Нема никој и никому не му треба. Тие се симбол на изолација длабоко вкоренета во денешното општество. Тие не се ниту критика, ниту прошка.
Изложбата е отворена до крајот на овој месец.