Звукот се дефинира како промена на притисок кој што човечкото уво може да го регистрира. Звукот се изразува со децибел (dB) што претставува логаритамска единица која се користи за да го покаже односот меѓу две величини со физичка количина, најчесто моќност или јачина. Непријатната звучна сензација која во организмот создава штетни ефекти се нарекува бучава. Изложувањето на високо ниво на бучава која може да биде постојана (континуирана), импулсивна и дисконтинуирана може да има бројни физиолошки и психолошки влијанија на вработените. Доколку изложеноста на бучава е на високо ниво подолг временски период, може да доведе и до трајно губење на слухот.
Правилникот за безбедност и здравје при работа на вработените изложени на ризик од бучава (Службен весник бр. 21 од 2008 год.) ги посочува минималните барања за заштита на вработените од ризици по нивното здравје и безбедност кои можат да настанат од изложеност на бучава.
Граничните вредности на изложување и акционите вредности на изложување во однос на дневните нивоа на изложување на бучава и максималниот притисок на звукот, се утврдени на:
1. ”Гранични вредности на изложување “ L ex, 8 h=87 dB, односно Ppeаk – 200 Pa;
2. ”Горни акциони вредности на изложување “ L ex, 8 h= 85 dB, односно Ppeаk – 140 Pa;
3. ”Долни акциони вредности на изложување “ L ex, 8 h= 80 dB, односно Ppeаk – 112 Pa;
Заштитата на вработените од физички штетности како што е бучавата треба да ја обезбеди секој работодавец. Потребно е да бидат идентификувани сите извори на бучава во работната средина. За секое работно место работодавачот е должен да направи проценка на ризик. Согласно извршената проценка се спроведуваат мерења на изложеност на бучава. Проценката на ризикот и мерењата се вршат во соодветни интервали, според прописите за вршење на повремени прегледи и испитувања, од страна на организации со добиено овластување од Министерство за труд и социјална политика на РМ за вршење на стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа. Се вршат периодични мерења согласно стандардите МКС ISO 1999:2010 и МКС EN ISO 9612:2010 со цел да се идентификува дневно ниво на изложување на бучава и средно измерено време на нивоа на изложување за номинален осум – часовен работен ден.
Постојат повеќе методи со кои може да се делува за да се намали нивото на бучава и изложеноста на бучава. За подобрување на условите во однос на висока изложеност на бучава можат да се превземат следните мерки:
- Примена на софистицирана опрема кај која емисијата на бучава е сведена на минимум;
- Соодветна реконструкција на работниот простор и инсталирање на материјали кои ја апсорбираат бучавата и овозможуваат подобра акустика во просторот;
- Прилагодување на начинот на работа при кој што се создава најмалку бучава;
- Редовно одржување на машините и опремата;
- Изворот на бучава како машини, мотори и опрема да се обложи со обвивка или заштитно куќиште од изолациони материјали или да се замени со опрема која не создава голема бучава. Директивата 2006/42/ЕС на Европскиот Парламент и Советот за машини, измените на Директивата 95/16/ЕС и Актот 1974 ги дефинираат потребните услови за набавка на соодветна опрема и машини од аспект на безбедност и здравје при работа;
- Да се лимитира престојот на луѓето во простории каде нивото на бучава е високо и да се лимитира работата со опрема која предизвикува високо ниво на бучава. Максималното дозволеното дневно време на континуирана изложеност на одредено ниво бучава на вработените: ниво од 90 dB до 8 часа, ниво од 92 dB до 6 часа, ниво од 95 dB до 4 часа, ниво од 97 dB до 3 часа, ниво од 100 dB до 2 часа, ниво од 110 dB до 30 минути, ниво од 115 dB до 15 минути;
- Да се врши ротација на вработените на работни места со висок интензитет на бучава;
- Вработените кои се изложени на бучава е потребно да бидат задолжени со лична заштитна опрема за заштита од бучава. Заштитна опрема како што се тампоните и антифоните имаат определен рејтинг на намалување на нивото на бучава, Noise Reduction Rating (NRR) која што може да го ублажи штетното дејство. Само со прописно наместени штитници се постигнува максимална редукција на бучавата. Од тој аспект потребно е да се посвети максимално внимание на обуките на вработените за правилна употреба на антифоните, односно, тампоните.
Во продолжение е посочен пример колку се намалува нивото на изложеност на бучава со употреба на одредена заштита од бучава со посочена вредност за NRR.
Доколку изложеноста на бучава изнесува 93 dB а NRR на заштитата е 29 dB.
Вредност на изложеност со заштита NRR (29) = 93 – [(29‐7) x 50%] = 82 dBA.
Друштвото за градежништво, промет и услуги „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др“. ДОО е овластена компанија од Министерството за труд и социјална политика на РМ за вршење на стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа, во чиј склоп функционира и акредитарана Лабораторија за мерења во работна средина, врши мерења на изложеност на бучава во работна средина согласно акредитирана метода, МКС ISO 1999:2014 Акустика – Процена од оштетување на слухот од бучава.
Подготвиле:
Саша Петрушевска, дипл. инж. технолог, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје;
Мирјана Ковачева Најдова, одговорен инж. за БР, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје;
Јасмина Ацковска, одговорен инженер за БР, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје;