Images of Women & The Unknown e име на изложбата на фотографии на познатиот фотограф Питер Линдберг, која се отвори во Загреб. Изложбата е во Домот на хрватски уметници, галерија која на јавноста ѝ е позната како Џамија, и на неа се изложени повеќе од 150 фотографии од познатиот Питер Линдберг, еден од неколкуте најголеми живи фотографи на денешнината.
Изложбените дела за оваа поставка ги бирал и дизајнирал самиот Линдберг, и тие се избрани од две одделни уметнички серии Images of Women и The Unknown од каде доаѓа и насловот на изложбата. Ова е прва изложба на Линдберг во овој дел на Европа од 1998 година, кога тој изложувал во Виена, а воедно и единствена европска самостојна изложба на Линдберг за оваа година.
„Изложбата во Загреб претставува избор од двете серии фотографии кои сум ги снимил порано во својата кариера. Фотографиите од серијата Images of Women се дела кои го дефинирале и го создале новиот поим на женственоста во доцните 80-ти и 90-тите години на минатиот век, додека вториот дел се состои од фотографии од опусот The Unknown, во кои човечките суштества се изложени на страв кој сè уште не го спознале, и во кој сè е фикција… “, изјавил Питер Линдберг по повод изложбата во Загреб.