Вечер (23-ти ноември) во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во 20 часот ќе се отвори изложба со наслов Looking At Nothing (Desire In The Future). Меѓународната групна изложба Looking At Nothing (Desire In The Future) е авторска поставка реализирана со цел во еден простор да се презентираат видео остварувања на автори од нашиот регион кои интензивно и фокусирано се бават со аудиовизуелното, со моќта на визуелните култури и медиуми и нивните влијанија, односно со „видеото како можност за преиспитување и критика на своето битие“ – Розалинд Краус (Rosalind Krauss).
Горан Шкофиќ
Изложбата Looking At Nothing (Desire In The Future) ја сочинуваат дела од авторите Ана Адамовиќ (Србија), Taња Деман (Хрватска), Мирна Арсовска (Македонија), Давор Санвинценти (Хрватска), Горан Шкофиќ (Хрватска), Тихомир Топузовски (Македонија), Владимир Николиќ (Србија), Марко Марковиќ (Хрватска) и Александар Спасоски (Македонија).
Автор и куратор на изложбата е историчарот на уметност Дејан Буѓевац.
Ана Адамовиќ
Самата изложба се состои од дела на уметници (со значајна творечка активност и препознатливост на меѓународната уметничка сцена во последната деценија), кои по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик и културен сензибилитет имаат блиски или слични „склоности“ во однос на „видео сликата“, односно во бележењето на одредени состојби и перцепции од самата физичка/креативна стварност и нивно претворање во визуелни „немости“ и кадрирани „тишини“ на самите нешта…
Сите видеа на изложбата се „испразнети“ од нивните оригинални звучни содржини и претставуваат „чисти“ подвижни слики и визуелни обликувања и промислувања, во кои гледачот може да се препушти на нивните, понекогаш заводливи вибрирачки површини.
Давор Санвинценти
Овие уметници во своите видеа се занимаваат со оној остаток/недостиг/вишок, кој не освојува, кој не фасцинира, кој не драматизира и не претендира, туку овозможува една поинаква „забавеност“ на стварноста и минливоста на нештата? Едно поинакво промислување, кое не е ниту носталгично, ниту толкувачко, туку е поинаков временски-просторен пристап наспроти хистеричниот проток на времето, коешто денес се` повеќе се поврзува исклучиво за поимот на брзината. На тој начин, овие дела ни овозможуваат можност за едно поинакво разбирање на визуелниот простор и на она што се случува во/околу нас.
Тања Деман