Во Музејот на Град Скопје во среда 28 март во 20 часот ќе се отвори изложбата „Обновување на сликарството на Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – ремек дело на византиската уметност во Македонија“
Оваа изложба ги претставува резултатите од проектот Македонски фрески – Маско 360 реализиран од страна на Здружението Македонида од Скопје под раководство на д-р Панче Велков, во соработка со Професор д-р Филип Нивонер од Факултетот за Христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, а со подршка на германскиот институт Макс Планк и Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија.
Фотографиите се направени во пролетта 2016 година, период во којшто веќе беа започнати конзервторските работи во црквата во Курбиново. Така, иконостасот беше изваден од црквата со што се пружи единствена можност студентите од Гетинген непречено да ги фотографираат светски познатите фрески во курбиновската црква – ремек дело на византиската уметност од 12 –иот век.
По премиерата во Националната институтиција Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола во јуни 2017 , оваа изложба ќе има можност да ја види скопската публика . Домаќин на изложбата ќе биде Музејот на Град Скопје, а настанот се реализира во соработка со Здружението Македонида и Завод и Музеј – Битола , а со подршка на Министертсвото за култура на Република Македонија.
На отворањето на изложбата ќе биде прикажана и кратка видео презентација која ги претставува резулатите од конзерваторскиот проект на црквата Cвети Ѓорѓи во Курбиново, кој се реализира од страна на надлежната институција Музеј и Завод – Битола , под раководство на м-р Ристо Палигора , советник конзерватор при Музејот.
Да напоменеме дека оваа презентација велгува во рамките на една поширока кампања за валоризација и промоција на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново и нејзината конзервација, која ја води здружението Македонида во соработка со нашите германски и француски партнери. Така, изложбата по скопското претставување ќе патува во Минхен, каде ќе биде претставена во просториите на престижниот Универзитет Лудвиг Маскимилијан, поточно на Факултетот за византиски и современи грчки студии. Оваа изложба ќе ги отвори свите врати на 7 мај оваа година.