На изложбата ќе бидат презентирани 68 копии од експонати кои претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет.
По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, во просторот на повремени изложби на Археолошки музеј на Македонија ќе биде отворена изложбата Накитот низ вековите од Македонија. Оваа изложба веќе била презентирана во Софија, во 2015 година во МКЦ, и во Њујорк, САД, лани.
„На изложбата ќе бидат презентирани 68 копии од експонати кои претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето кои егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата до крајот на 20 век или скоро девет илјади години континуитет. Воедно, на изложбата ќе бидат презентирани и неколку копии на тоалетени сетови за етерични масла, шминка и кутии за накит, а предвидената идејна концепција ќе ја надополнат и адекватно одбраните теракотни антропоморфни фигурини, на кои изворно се претставени декоративни украсни елементи“, информира Археолошки музеј на Македонија.
Експонатите ќе бидат изложени во пет витрини, а изложбата дополнително ќе биде збогатена со илустративно-едукативен материјал како банери, постери, видео проекции, легенди и каталог.