Во новоизградениот павилјон на музејот за архитектура MARQ во Буенос Аирес, поставена е изложбата UNDER 35 italian design, посветена на младите италијански дизајнери на возраст под 35 години. Организатори на изложбата се Triennale Design Museum во Милано, Музејот за архитектура MARQ во Буенос Аирес, Италијанскиот институт за култура во Буенос Аирес и Италијанската амбасада во Буенос Аирес. Изложбата трае во периодот ноември-декември 2016, а нејзин куратор е Силвана Аникјарико, директор и куратор на Triennale Design Museum во Милано.
Италија не е земја на младите, или подобро кажано – поголемиот дел од минатиот век, Италија не беше наклонета кон младите. Пред 10 години, поточно во 2007 година, кога ја подготвував изложбата The New Italian Design во рамките на Триеналето во Милано, таа беше посветена на новиот и младиот италијански дизајн, сфатив дека поголемиот дел од историјата на италијанскиот дизајн на минатиот век, беше поправо историја на Татковците а не на Децата, односно беше повеќе историја на Мајсторите, отколку историја на Учениците, историја на Старите а не и Младите. Кажано уште порадикално, се работеше за историја на Татковци без деца, за Мајстори без ученици, и за Старите без генерациска смена.
Дизајнерските мајстори родени пред Првата светска војна (Каца, Доминиони, Кастиљони, Манѓароти, Маѓистрети, Занусо, Ауленти) немаат образувано (свои) ученици.
Овие мајстори повеќе претпочитале да креираат една нова столица отколку да образуваат еден нов ученик. Дури и ретките дизајнери кои помеѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век се обидувале да ја „нападнат“, макар и само теориски, хегемонијата на мајсторите и да го нападнат нивниот евидентен индивидуализам, пред сè, со креирањето на групни експерименти во колективното проектирање (притоа тука мислам на искуствата на групите како „Мемфис“ или Arkizoom), на крајот не успеале да создадат никаков генерациски премин. Ниту Еторе Сотсас, ниту Алесандро Мендини, без оглед што ги имаат втемелено студиите, не успеале да генерираат „сопствени“ деца.
Силвана Аникјарико,
директор и куратор на Triennale Design Museum, Милано
Сето тоа, во продуктивниот систем, нужно испровоцирало вртење кон странците за да се избегнел ризикот со новите генерации. Подобро „легија на странци“ отколку автохтони сили – така, италијанските дизајнери од средната генерација повеќе се насочиле кон истражувањето, а не кон самата продукција, како што впрочем имаат направено секој од нив на свој начин – Улиан, Јакети, Дамиани, Контин, Пецини, Доната Перучини…
Изложбата The New Italian Design тргнуваше токму од тука – од анализата на оваа историски одредена состојба, како и од фактот што до одредена точка, крајот на генерацијата на учителите се совпаѓа со преобликувањето на дизајнот како професија на масите. Од оваа истргната слика произлегуваат многуте јазици и спротивставени однесувања. Но, исто така, од овие различности произлегува и еден единствен и оригинален став.
Џакомо Мор, 2016
Јасно е дека оваа генерација одлучила да работи предмети кои се лесни, рафинирани, иновативни, со низок експресивен профил – неинванзивни и често со нејасна стилистичка и употребна дефиниција. Тоа се проекти осудени да бидат на неистражените маргини од оваа економија на домаќинствата, целосно игнорирана низ целиот 20 век, но со големо значење во дефинирањето на квалитетот на домувањето, вон системите на уредувањето.
Џуљелмо Брамбина, 2015
Не се работи за една дефетистичка стратегија, туку за сведоштво на превладување на старите митови на големосериското производство, специјализираниот функционализам, во доменот на високата технологија, во полза на еден повеќе провизорен универзум, реверзибилен и ироничен. Изложбата The New Italian Design беше всушност изложба која сведочеше за доаѓањето на нова економија, која можеби е помалку индустриска, а повеќе релационистичка и динамична.
Музејот на архитектура MARQ во Буенос Аирес
Современиот дизајн е ситуиран и оперира во една парадигма потполно различна од онаа од времето на Мајсторите, каде што културата на проектирање била насочена кон реализација на довршен производ, функционален и дефинитивен. Денес, меѓутоа, дизајнот на одреден начин станал – професија на масите – каде се генерираат процеси и иновација повеќе од самите прозводи.
Лучија Масари, 2014
Предметите реализирани од Мајсторите беа неспорни – на довршен и перфектен начин ги остваруваа големите потреби на Модерната. Наспроти нив, денешниве дизајнери се повеќе необврзувачки, емоционални, изненадувачки. Огледало се на нашето време, во кое потребите се опишуваат на променлив начин, ликвиден и недопирлив.
Томасо Калдера, 2015
Иронијата што превладува кај поголемиот дел од изложените парчиња на изложбата произлегува токму од ова сознание. Се работи за артефакти мислени и претпоставени за заситен и зрел општествен простор. Мајсторите работеле во општество во растеж, кое постепено се обидувало да ги задоволи сопствените потреби. Денес, тие примарни потреби се совладани, така што на нивно место се појавува потреба за ширење, за воспоставување на релација, линк, потреба да се комуницира.
Дизајнерите застапени на изложбата UNDER 35 italian design, веќе не го сметаат дизајнот и архитектурата како политички манифест, туку поддржуваат модели и техники кои се чувствителни на темите за еколошка и економска одржливост, и вложуваат многу во самите себе и сопственото формирање. И покрај цврстата вкоренетост во италијанската традиција, тежнеат да комуницираат со светот и во поголема мера ја усвојуваат глобалната отколку локалната димензија.
Федерика Кастања и Сара Петручи, 2011
Прашањето за естетиката станува битно прашање. Новите проектанти се често означувани како генерација на млади политички неоптоварени хедонисти. Во стварноста, младите дизајнери гледаат еден грд и погрешен свет и бараат начин да го променат, па и со едноставни гестови, проектирајќи една столица или една играчка. Во оваа смисла, нивната многуструка, независна и очигледно ненасочувана работа, всушност е резултат на еден спонтан политички проект, кој настојува да ги активира реформаторските стратегии.
Франческа Меда, 2014
Друга особеност на оваа генерација е во фактот што преминала од дизајн типично маскулински, логичен и функционален кон дизајн повеќе женствен, независно од полот на проектантите, кој отелотворува деликатност, сензибилност, суптилност и недостижност, најчесто остварено во хармонични и лежерни форми. Се приклонува повеќе кон отфрлување на разликите на видовите, а во прилог на дифузен сензибилитет. Младите дизајнери се афирмираат, пред сè, преку сопствена продукција, но не како средство за прикажување на сопственото истражување, туку како пат за формирање на сопствено претпријатије, најчесто преку Интернет и поврзување со порталите за продажба он лајн. Новите дизајнери не се само дизајнери, умеат да дизајнираат во 3Д, познаваат графика, фото, стајлинг, блог, со што се развиваат сè повеќе автономни фирми.
Федерико Анѓи, 2014
Работата на дизајнерите се наоѓа пред една панорама на индустриски претпријатија во криза, особено во областа на секторот за мебел, пазар кој во последните пет години 70 отсто од прометот ја има сменето сопственоста. Ниската рентабилност го насочува вниманието на дизајнерите кон интернационални дизајн галерии и кон мрежите со е-трговија. Се наоѓаме пред една смела, неинхибирана и љубопитна генерација. Ослободени од инхибиции, без страв од фантазмата на таткото, проектира не водејќи сметка за преегзистенцијата, без неопходноста да ги цитира претходниците, во еден вид магма каде победува тој што успева да приложи поголем естетски учинок на концептот или кој успева подобро и посилно да искомуницира. А сето тоа придружено со падот и самракот на критиката.
Силвана Аникјарико (фото: Марија Пина Поледа)
Тоа е свет каде сите проектираат. Не се само дипломираните од Политехниката во Милано, туку и графичари кои одлучиле да станат дизајнери на мебел, дипломци од економските факултети, и дури психолози кои се занимаваат со дизајн. Понекогаш изгледа дека е доволно да имаш добар вкус и на дофат еден занаетчија, па да реализираш нешто. Маестро Андреа Бранци веќе има кажано, дека дизајнот е сè повеќе професија на масите.
(Специјално за Порта3)
Силвана Аникјарико, директор и куратор на Triennale Design Museum, Милано
Превод од италијански јазик: Миро Поповиќ, ист. на уметност