По повод 8 Март, Локалниот музеј Кавадарци денеска ја отвори изложбата „Традиционално килимарство во Кавадаречко“. Автори на изложбата се Кети Ванчева и Томе Крстевски.
„На изложбата се претставени изработки на килими кои потекнуваат од Кавадаречко и биле сигурно дел од традиционалната македонска куќа. Домашната изработка на килими и слични ткаенини кои служеле главно за покривачи, биле застапени во многу македонски краишта. Денеска немаме доволно историски податоци врз кои би можеле точно да утврдиме кога и каде првпат во Македонија се појавило домашното килимарство. За употреба на килими се споменува во 16 и 17 век, турскиот патеписец Евлија Челебија го вбројува и Скопје меѓу килимарските центри од тоа време. Повеќе податоци за килимарството на Балканот упатуваат на Исток, од каде се пренела оваа културна придобивка со доаѓањето на Турците. Но, истовремено, имаме и податоци дека килимарството било застапено и пред доаѓањето на Турците на овие простори“, рече меѓу другото Крстевски пред присутните.
Изработувањето на килимите започнало со процесот на стрижење на овците и перење на волната, појасни Ванчева.
„Потоа, волната се влачи или растресува, при што се одделува долгата волна од кратката. Долгата волна се користи како основа на килимите, по нејзиното одделување таа се преде и на крајот се бои. На почетокот се користеле природни бои кои биле многу стабилни и не бледееле лесно, при што давале благи пастелни тоналитети и хармонични склопови од нијанси. За добивање на боите се додавале корења од одредени билки: ореви за темнокафена – црна боја, индиго за модро плава, кромидот за жолто-кафените нијанси и крмозот за црвените. Килимите биле изработувани во техниката на лито ткаење, тие во Македонија а и во Кавадаречко се изработувале исклучиво на хоризонтални разбои, поради чија тесна основа тие се ткаени во повеќе дипли, кои потоа се соединувани давајќи ја финалната форма и димензија на килимот“, додаде таа.