Вечерва (30 март) во 20 часот, во FLUX Gallery ќе се отвори изложбата „Тајане“ на авторката Тамара Забазноска. Изложбата е по повод специјалната наградата, што галеријата и ја додели на Забазноска на минатогодишното издание на Саемот за современа уметност ПАРАТИСИМА-Скопје.
„Тајане“ е македонски поим кој означува обичај поврзан со летните обредни празнувања.
Врзан е со берењето цветови и нивно плетење во венци и китки, аналогно на поврзувањето на конците на композитното дрво.
Како што китката претставува сноп од растенија врзани заедно, така геометриските форми се претставени преку заедништво од шајки кои сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции. И како што обредниот ритуал симболизира систем на правила и норми, така и присутноста на оска на симетрија во делата се перцепира како ритуал на дејствување – имагинарна линија околу која формите ротираат, свесни за дуалитетот и екстремите што ги негуваме во нас.
„Тајане“ го симболизира и денот кога сонцето заигрува, т.е. ја сугерира желбата за изразување на природните сили, поврзаноста на елементите од природата преку шеми кои водат од микро кон макро размер.