Во Мобилната/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности, поставена во Паркот на франкофонијата во Скопје, отворена e изложбата „Спорни места“ на корејската уметничка Гвијанг Хванг и македонскиот уметник Оливер Мусовиќ.
Со изложбата „Спорни (Оспорени) места“ уметниците Оливер Мусовиќ и Гвијанг Хванг ги истражуваат просторните политики во специфичните контексти на три града – Скопје, Сеул и Лос Анџелес. Тие се впуштаат во уметничко истражување на забележаните практики и стратегии на употреба и злоупотреба на урбаниот простор и земја – од импровизирани комунални (зеднички) простори, програми за отстранување на улични графити, герила градинарство, па до “urban decay” (урбано пропаѓање), нелегално запоседнување на земјиште и земјишни спорови.
Просторот е понекогаш спорен домен на идентитетот, од личниот, па до колективниот. Преку неговата географија, границите и промените може да се набљудуваат манифестациите на идентитетот, како и екстерните услови на политичката и социјалната борба. Хванг и Мусовиќ се запознале при минатогодишниот резиденцијален престој на Оливер Мусовиќ во Сеул и ова е нивно прво заедничко претставување.
И двајцата се претставуваат со по две дела, серии од нивната понова продукција.
Гвијанг Хванг е родена 1983 година во Масан, Јужна Кореја. Дипломирала скулптура на Сеулскиот национален универзитет, а магистрирала на Калифорнискиот институт за уметност во 2012-та. Самостојно изложувала во САД и Јужна Кореја. Праксата на Хванг се состои од теренска работа и перформативни интервенции во урбан пејзаж.
Оливер Мусовиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1997 година, а магистрирал во 2004-та. Досега имал 15-ина самостојни изложби во Македонија и пошироко. Учествувал и на бројни меѓународни изложби на современа уметност во земјата и странство.
Изложбата во Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности се реализира во рамки на проектот на ЦСУ „Мобилна култура – Солидарни граѓани“, а е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.