На 18 ноември (понеделник), со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе се отвори изложбата „Скопје одново“ која хронолошки го претставува создавањето на колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје по земјотресот во 1963 година.
Оваа катастрофа поттикна на солидарност бројни меѓународни уметници и архитекти кои помогнаа одново да се изгради македонскиот главен град, кој е симбол на солидарност и заедничката добра волја, што досега не се сретнува во современата историја на уметноста.
„Скопје одново“ ќе ја претстави исклучителната меѓународна колекција, подарок на автори од целиот свет, со посебен фокус на американските уметници.
Во рамките на постановката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, првпат МСУ ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите, како: Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…
Изложбата „Скопје одново“ е резултат на соработката помеѓу МСУ и Амбасадата на САД во Скопје, а куратори на изложбата се Ана Кац (кураторка во МоМа, Њујорк) и Кумјана Новакова (куратор соработник на МСУ, Скопје). Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс, програмата за уметничка критика со Кет Хариман. Визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев. Дизајнот на изложбата е на архитектите Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков. Конзерватори соработници на проектот се Ема Петрова и Љупчо Иљовски.
„Скопје одново“ ќе понуди и отворена јавна програма, која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и разните аспекти на изложените дела и архиви.
Постановката во Скопје ќе биде отворена до 18 февруари наредната година.