Проектот на изложбата под наслов „Скопје – градот на солидарноста“ е изработен врз основа на идејата на Амбасадата на Република Полска во Скопје, која веќе неколку години ги помага истражувањата за учеството на Полјаците во тој процес.
– Намера на МЦК и МСУ е прикажување не само на обемот на трагедијата на градот и неговите жители, туку пред сè на необичната обнова, која од градот направила најмодерна бруталистичка престолнина во светски рамки – наведуваат од МСУ.
Според организаторите на изложбата, багодарение на новите проекти, чиј симбол е планот на централното градско подрачје на Кензо Танге, Скопје станало еден од архитектонски најинтересните градови во Европа. За полската публика важно ќе биде потсетувањето на ликовите и делата на полските архитекти и урбанисти, коишто учествувале во враќањето на Скопје во живот. Нивното искуство стекнато при реконструкцијата и обновата на целосно уништената за време на Втората светска војна Варшава, тогаш се покажало неизмерно корисно и исклучително важно.
Изложбата, се посочува, ќе раскаже за Адолф Циборовски (1919-1987) – кој во име на Обединетите нации вршел надзор над процесот на реконструкција, за урбанистот Станислав Јанковски (1911-2002) – раководител на полскиот тим што го изработил планот за реконструкција, како и за Тигрите – тројцата проектанти на седиштето на МСУ – Вацлав Клишевски (1910-2000), Јежи Мокшињски (1909-1997) и Еугењуш Вјежбицки (1909-1991). Голема вредност на презентацијата ќе биде можноста по првпат да ѝ се прикаже на полската публика дел од колекцијата на полска уметност, којашто како дар се нашла во новиот музеј.
– Дела на истакнатите уметници: Тадеуш Бжозовски, Јежи Кравчик, Алфред Леница, Бенон Либерски, Ева Марија Лункјевич-Рогојска, Јежи Новошелски, Тереса Понговска, Хенрик Стажевски, Анджеј Струмило, Рајмунд Зјемски и многу други биле подарени како израз на солидарност на полската уметничка заедница. Треба да се нагласи дека сличен гест направила и меѓународната уметничка заедница, па затоа „соседи“ на полската колекција во музејот ѝ се дела на најистакнатите ликови од светската уметност, какви што се: Пабло Пикасо, Александар Калдер, Ники де Сан Фал, Ханс Хартунг или Виктор Вазарели – се наведува за изложбата.
Изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ ќе биде изложена во престижната галерија на МЦК во самото срце на Краков – институција со долгогодишно искуство во доближување на најинтересните појави од културното наследство на широко сфатената Централна Европа. Истовремено тоа ќе биде прва презентација на Македонија во Полска – на нејзиното тешко искуство од 20. век и наследството поврзано со тоа.
По повод подготовката на изложбата во Скопје деновиве престојува делегација на Меѓународниот центар за култура од Краков (МЦК). Во составот на делегацијата се: директорот на МЦК Агата Вонсовска-Павлик, заменик-директорот за програмски прашања Лукаш Галусек и Моника Ридигер – еден од кураторите на изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ – стои во соопштението од МСУ.
Изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ ќе биде презентирана во Краков од 2 јули до 20 октомври 2019 година.