Изложбата „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) се организира во рамки на 14. Европско номадско биенале за современа уметност – Манифеста и ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје на 8 ноември, во 20 часот, а ќе трае до 20 февруари 2023 година.
Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Музејот на современата уметност – Скопје e партнерскa институција на една од најзначајните манифестации за современа уметност, 14то по ред Европско биенале – Манифеста.
Уметници чии дела ќе бидат изложени на оваа поставка се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн Уметнички Колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).
Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор кој е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди.
Оттука, како што велат ко-кураторките на изложбата, Мира Гаќина и Јованка Попова:
„Темите со кои се занимаваат уметниците Роми во оваа поставка отвораат различни прашања поврзани со системското насилство врз Ромите и останатите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родова нееднаквост, војна, мигранската криза, холокаустот во однос на денешните светски ултранационалистички политички идеологии, потребата од различна политика на грижа… Целта на изложбата е да ја прошири политичката имагинација вон стереотипната претстава и преку споделено знаење од меѓународно познати и домашни уметници да артикулира поинакви начини на себепретставување и да ги централизира и направи видливи игнорираните и недостапни маргинализирани наративи за Ромите“, велат Гаќина и Попова.
Изложбата отвора можност да се прашаме: „Каков е светот кога е искусен, развиен и живеен од перспектива на разлики?“,„ Што и како претставуваме, на кои гласови им даваме предност пред останатите, што дознаваме за себе си преку спознавање на другиот?“.
Оттука, преку различни прашања во однос на идентитетските политики со кои се занимаваат уметниците Роми, целта на изложбата е да им даде видливост на теми кои се исклучени од доминантниот политички дискурс или се сметаат за неподобни во однос на етнонарцизмот и националните фетиши.