Изложба на слики, уникатен накит и скулптури со наслов „Сараево во Скопје – пријателство што трае“ на босанските уметници Адин Хебиб, Миа Хебиб и Едина Селесковиќ, отворена е во Музејот на градот Скопје, во рамките на „Скопско лето“.
Адин Хебиб е академски сликар, кој годинава прославува 35 години творештво. Неговиот богат опус опфаќа: сценографии, плакати, илустрации на книги и монографии, а неговите дела биле изложувани насекаде во светот. За својата работа има добиено 11 европски награди и многу признанија. Миа Хебиб со голем интерес ги истражува сите аспекти во дизајнот на накитот. Од 2001 година се сели во Њујорк, каде што ја почнува својата кариера во дизајнерската индустрија. Нејзините колекции пласираат ракотворби и мода, потпирајќи се на традицијата, истовремено движејќи се во правецот на постојано менување на модните трендови. Едина Селесковиќ, пак, работи во САД. Таа има успешна и мошне разновидна кариера и е препознатливо име на њујоршката уметничка сцена.