По повод Меѓународниот ден на жената Националната галерија веќе петта година по ред организира тематска изложба со посвета на овој ден и воедно, испраќа честитка до сите жени.
Личеноски, Портрет на галичанка со гулаб, околу 1963
Изложбата насловена „Процут кон женственоста, од колекцијата на Националната галерија“, поставена е во просторот на Чифте амам, од 3ти до 15ти март, отворена за јавноста за индивидуална посета, во согласност со протоколите. Изложбата прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата, тесно поврзана со човечкиот животен циклус – односно фазите кои претходат во растењето и оформувањето на една жена се до зенитот на нејзината зрелост.
Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата збирка на Националната галерија.
Прица, Девојка (со бело јаболко), 1957
Изложбата брои околу четириесеттина дела – цртежи, графики, слики, скулптури, фотографија, мозаици. Застапени се нашите автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Никола Мартиноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Љубомир Белогаски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Ванчо Ѓорѓиев, Борка Аврамова, Катја Ефтимова и автори од Југословенската колекција како: Петар Палавичини, Мирослав Краљевиќ, Златко Прица, Франце Краљ, Ристо Стијовиќ, Златко Латковиќ, Сретен Стојановиќ, Мирко Почуча, Андре Пате.
Папрадишки, Портрет на уметниковата ќерка
Анѓелоски, Портрет на ќерка ми, 1951