Утре (5 февруари), во 19.30 часот, во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе биде отворена изложбата на акварели „(По)трагите на водата“.
Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност во рамките на проектот „Кич,да!?/сте или не/“ поддржан од Министерството за култура.
Проектот (По)трагите на водата започна во мај 2015 година во просторот на Чифте амам во Скопје, потоа го продолжи своето патување низ градовите Велес во Ликовенот салон; Битола во Галерија Магаза при НУ Завод и Музеј Битола; Штип – Безистен, НУ Завод и Музеј Штип; потоа Крива Паланка, Уметничка галерија при Градски музеј Крива Паланка; Дом за култура Иван Мазов-Климе, Кавадарци и од 5-ти до 17 февруари ќе престојува во Куманово.
Во текот на долгогодишната дејност и постоење на Националната галерија на Македонија, галериската збирка се збогатува со нови, современи, значителен број, над 1700 дела. Акварелот како составен дел од Збирката на Националната галерија на Македонија завзема значајно место.
Изложбата насловена (По)трагите на водата презентира избор на уметнички дела остварени во еден визуелен медиум – акварелот, со истакнат број уметници, опфаќајќи еден импресивен попис на повеќе генерации од различни поднебја со посебни уметнички сензибилитети.
Меѓу авторите на акварелите застапени во колекцијата на Галеријата се претставници од најстарата генерација современи академски сликари од Македонија – Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Киро Караџа, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ – Цицо, како и одредени познати имиња (врвни мајстори) од соседните држави (кои покрај сликарството работеле и акварели) – Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Петар Лубарда, Предраг Милосављевиќ – Пеѓа, Никола Славин.
Регистарот на акварелното сликарство, продолжува со создадени дела од авторите – Лена Стефанова, Ејуп Умер, Богољуб Ивковиќ, кои во својот творечки опус периодично или експериментално работеле акварел, или пак, негова имплементација во делото (цртеж во комбинирана техника со акварел, гваш) – Симон Шемов, Владимир Георгиевски.
На изложбата ќе бидат презентирани над 30тина ликовни дела, дел од нив за првпат се изложуваат пред јавноста.
Куратор на изложбата е Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија.
Изложбата ќе може да се посети до 17 февруари 2016.