Во Discovery Times Square во Њујорк, со стотици носии, предмети, фотографии и интерактивни екрани, отворена е изложбата посветена на глобално популарната филмска сага The Hunger Games.
„Имаше многу емоции. Јас не го очекував ова“, вели 24-годишната Џенифер Лоренс, главната хероина на филмот. „Има тука полно работи кои јас за себе би ги задржала“, додава Катнис Евердин, како што е името на Лоренс во филмот.
Филмовите се направени врз основа на книгата на Сузан Колинс.
Приказната претставува спој на гладијаторските борби и реалните шоуа од типот на „Преживеан“, каде што суровоста и бескомпромисната борба за гол опстанок се единствениот пат до успехот. Дејството е сместено во пост-апокалиптична иднина во Капитол, главниот град на државата Панем. Како казна за некои минати бунтови, а и заради забава на гледачите, дванаесетте области околу главниот град мораат секоја година да испратат по едно момче и една девојка на возраст од 12 до 18 години, за да учествува во „Игрите на гладните“. Тоа е натпревар кој се одржува еднаш годишно, во кој учесниците се борат до смрт секој против секого, а тоа во живо се пренесува на телевизија, за да се забавуваат граѓаните на Капитол.
Досега, три филма од сагата заработиле над две милијарди долари во светот, а последниот филм се очекува да пристигне во кината на 20 ноември.
Поставката има седум галерии кои го следат патувањето на главната хероина лик од нејзините почетоци во Дистриктот 12, па се до моментот кога таа станала симбол на надеж и слобода во борбата против угнетувачка власт.