Вечерва (20 јули) со почеток во 20.30 часот, на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, ќе биде отворена изложбата посветена на фотографии на Кери Харт од Израел и Љупчо Благоевски од Македонија, која ќе донесе вкрстени импресии низ „пријателските објективи“, доловувајќи дел од секојдневниот живот и духот на Македонија и на Израел.
Со наслов „An israeli eye on Macedonia, a macedonian eye on Israel“, изложбата ги спојува и вкрстува фотографиите на Кери Харт и Љупчо Благоевски. Кери Харт живее во Израел веќе две децении. Работела во електронски и печатени медиуми, како новинар, но и како фотограф од 1980 година. Ги интервјуирала најголемите израелски и светски лидери.
Изложбата е реализирана во соработка со Амбасадата на Израел и Министерството за надворешни работи на Р. Македонија.
Во октомври 2014 година Кери Харт престојувала во Македонија една недела и ги забележала спектакуларните зајдисонца, езерата и пријателски настроените луѓе, како и уште многу моменти од нејзиниот престој.
Љупчо Благоевски е дипломиран политиколог при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2011 година до сега Љупчо Благоевски е официјален фотограф во МНР. Претходно работел на телевизиски и радијски проекти, како и видео и музички спотови.
Во овој проект на културна соработка помеѓу Израел и Македонија, Љупчо Благоевски и Кери Харт преку своите фотографии сакаат да ја поврзат вековната историја и сегашноста на Израел и на Македонија видена преку нивните објективи.
Во годината на одбележување на јубилејот, 20 години дипломатски односи помеѓу Израел и Република Македонија, овој проект има и неколку други поставени цели. Kултурната соработка помеѓу двете држави се подигнува на едно повисоко ниво на гледање на нештата преку реалноста на фотографиите, која е микс на јудеизмот, христијанството и исламот, па сѐ до модерноста која е симбиоза на сите претходни религии и култури.
Туристичката димензија доаѓа самата по себе следејќи ги перцепциите на посетителите на изложбата чии жедни погледи кон фотографиите треба да го разбудат туристичкиот дух во нив. Пријателствата помеѓу државите не се создаваат еднаш за само да постојат како такви, пријателствата се како битија кои треба константно да се негуваат и во секој поглед надградуваат, врз нив се гради доверба и соработка во секој поглед, но и секако, ако се запостават, односно заборават, стануваат порозни и лесно кршливи.
Со желба за едно прогресивно и цврсто пријателство во следните дваесет години помеѓу државата Израел и Република Македонија, фотографите Љупчо Благоевски и Кери Харт преку оваа изложба сакаат да остават порака за следните генерации за уште поинтензивна соработка во иницирање и реализирање на вакви и слични проекти од двете Министерства за надворешни работи во процесот на чување и продлабочување на стекнатото пријателство.