Почнувајќи од денес, во наредните три дена граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ организира изложба на фотографии на тема „ГТЦ“ собрани преку социјалните медиуми, личните архиви на граѓаните, како и архивски стари фотографии од ГТЦ.
Фото: Весна Наумовска
Ова ќе биде најголемата изложба на фотографии посветени на Градскиот трговски центар, а посетителите ќе имаат можност да видат над 300 фотографии кои датираат од почетокот на градењето на објектот кон крајот на 60-тите години на минатиот век, па се до денес.
Фото: Весна Наумовска
Меѓу другото, посетителите ќе можат да видат и ретки и оригинални фотографии од ГТЦ кои по прв пат ќе бидат јавно објавени, а ќе има и посебен колаж од слики од личната галерија на учесниците во изградбата на објектот. Исто така, на изложбата ќе бидат поставени и сите оние фотографии кои во изминатите денови беа испраќани од граѓаните на Скопје во рамките на конкурсот „I <3 ГТЦ“ организиран од страна на иницијативата „Го сакам ГТЦ“.
Фото: Небојша Гелевски
Од иницијативата велат дека секој заинтересиран граѓанин може да дојде и да ја погледне оваа ретка колекција на фотографии. Изложбата ќе биде поставена денес во паркот Жена – Борец и ќе започне во 16 часот, додека пак во четврток и во петок ќе биде отворена од 12 до 20 часот.
Фото: Ана Умчески
Изложбата на фотографии „I <3 ГТЦ“ е дел од кампањата „Излези за ГТЦ“ која има цел да ги мотивира граѓаните во општина Центар да излезат на претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 26 април, и да одлучат за изгледот на ГТЦ.