По повод одбележувањето на “Европскиот ден на уметничка креативност“, како дел од проектот CreArt (Мрежа на градови за уметничко творештво) ќе се отвори изложбата ПОРТАЛИ 2019 на 21 март 2019 год.(четврток) во 20 часот во Сала 2, Музеј на град Скопје на која ќе бидат претставени делата на:
Александра Ацеска, Ана Јовановска, Ива Станковска, Ивана Мојсовска, Игор Таневски, Кристијан Јованоски, Кристијан Тодоров,Тамара Антевска Бајдевска и Филип Ивановски-Пепе
„Портали 2019“ претставува изложбен концепт преку кој Музеј на град Скопје и Градот Скопје, на домашната публика но истовремено и на европската јавност во периодот од 2018-2021 год. ќе им ги претставуваат идеите и делата на плејада млади уметници од Скопје, во рамките на проектот CreArt-Мрежа на градови за уметничко творештво.
На 21 март 2019год. преку „Портали 2019“-Музеј на град Скопје, кој е организатор на оваа изложба , ќе го започне одбележувањето на “Европскиот ден на уметничка креативност“ . Со изложбата ќе се обидеме да ја внесеме публиката на Скопје во диверзитетниот свет на уметноста, преку селекција на рецентни дела од девет млади уметници, кои преку своето творештво дејствуваат локално но размислуваат глобално користејки повеќе различни уметнички медиуми како своја изразна алатка. Делата на Александра Ацеска ; Ана Јовановска ; Ива Станковска ; Ивана Мојсовска; Игор Таневски; Кристијан Јованоски; Кристијан Тодоров; Тамара Антевска ; Филип Ивановски-Пепе; се концептуално поврзани во презентација на заедничкиот дискурс кој е критички насочен во соголувањето на проблемите од енормното глобално загадување на околината со кои се соочува човештвото. Пораката што ја испраќа оваа група уметници преку сопствениот светоглед и можни решенија преточени во заклучоци низ нивните уметнички експерименти е јасна и читлива-да укажат на испревртениот систем на вредности што води до анархичен след на дејства, од кои резултатот е девастација на материјалната и менталната содржина на средината во која живее современиот човек. Итноста на потребата за корекција на исчашената слика на реалноста, ја чувствуваме со секој следен здив, со секој поглед врз сметот кој не опкружува, со секој деформитет на новородено дете, што го претвора гласот на овие уметници во универзален врисок кој делува како грмотевица која ќе не разбуди од трулоста на зачмаениот ментален амбиент и конечно ќе доведе до повисоко ниво на ментална хигиена. Сугестивна желба за нови почетоци преку промени кои би требало да ја сменат траекторијата на движењата и да отвораат нови и нови портали со свежи идеи.
Куратор на изложбата е Благоја Варошанец.