Денес (23 јуни) во 20 часот, во Уметничката галерија – Куманово, ќе се отвори изложбата „Почеток без крај” на ликовните уметници Ана Ивановска и Ангел Миов во организација на НУ Музеј Куманово и ЗПРУ Кибер Панк Куманово.
Публиката ќе има можност да погледне една форма на ликовен израз кој подразбира амбиентална мултимедијална инсталација, поточно објект поставен на подот од галеријата и видео-арт проектиран на плафонот проследено со звуци. Делото покрај својата визуелна функција претставува и една комплексна содржина којa кај побликата побудува емоции и прашања поврзани со човековите размисли за постоењето, вечноста, патот и времето. Самиот наслов насочува на едно читање кое треба да воведе кон поставување на вечните прашања, но и еден конкретен миг од вечноста која е преточен во дело кое е „Почеток без крај”.
Ивановска и Миов припаѓаат на младата генерација ликовни уметници, кои континуирано работат и се присутни на македонската сцена, се познааваат уште од средно уметничко училиште, студираат во истата класа на ФЛУ каде што магистрираат.