Утре (9 ноември) во Центарот за уметност „Метрополитен“ во Белфаст, Северна Ирска, ќе биде отворена изложбата „Песни, куфери“ на авторката Кристина Зимбакова. Изложбата ќе се случува истовремено со светската Конференција за Силвија Плат, насловена како „Писма, зборови, фрагменти“, која ќе го одбележи објавувањето на „Писмата на Силвија Плат“, том 1.
Изложбата е во организација на Факултетот за уметност при Универзитетот ‘Алстер’ во Белфаст, а ќе трае до 12 ноември.
Инсталацијата „Песни куфери“ е поттикната од творештвото на оваа влијателна американска поетеса. Се состои од скулптура-куфер и деветнаесет цртежи изработени во комбинирана техника. Цртежите се олицетворение на таинствените пратки од распакуваниот куфер на поезијата, и секој од нив содржи натписи со наслови од истакнати песни од Плат или клучни концепти во нејзиното творештво, а нивниот редослед создава приказна. Во тон со песната „Габи“ испишана на скулптурата, текстот во цртежите е сочинет од лишаи, што претставуваат симбиоза меѓу две габи и алга или цијанобактерија. Завршните стихови од истоимената песна, „Ние до утрината/ќе ја наследиме земјата./ Веќе сме на прагот“, носат суштинска порака што е и мото на оваа поставка: чудесната моќ на поезијата преку габите како симбол за песните.
Д-р Мејв О’Брајан, кураторка на изложбата, вели: „Ни претставува особено задоволство што делата на Кристина Зимбакова ќе бидат поставени за време на Конференцијата за Силвија Плат во Белфаст. Факултетот за уметност при Универзитетот „Алстер“ има долга историја и углед, а уметноста на Зимбакова е одраз на експерименталноста и имагинативноста како основни вредности што ги негува нашата установа.
Самата инсталација е фасцинантно – вистинско филозофско размислување за творештвото на Плат изразено на креативен начин. Главниот елемент на инсталацијата – куферот по кој и е насловена поставката, е загадочен и нè потсетува на зборовите на Плат како и на јароста и деструктивноста преточени во нејзината поезија. Цртежите на Зимбакова се префинети, поетични и чудесни, покажувајќи ги нејзините исклучителни вредности како уметник и жарот во нејзините слики. Чест ни е што дела со ваков квалитет и страст се изложени во Белфаст, и се надевам дека дека ова ќе биде прва од мноштвото креативни соработки меѓу Ирска и Македонија преку Универзитетот ‘Алстер’.
Оваа е прва самостојна изложба на Кристина Зимбакова во странство, а досега имала седум самостојни изложби во земјава. Има учествувано на бројни меѓународни групни изложби, од кои позначајни се оние во Музејот за уметност „Ешкенази“ во Блумингтон, САД, и Оксфордскиот театар во Англија. Таа негува интердисциплинарен пристап кон уметноста, спојувајќи ги сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум за нејзиното творештво.