Во Охрид е во тек изложбата со наслов „Oхрид, 1900 година. Низ фотографиите од експедицијата на Н.П. Кондаков во Македонија“, која се отвори на 19 јули, во 20 часот, во Куќата на Робевци, а ќе трае до 29 јули.
Во Охрид, еден од најзначајните културни и духовни центри за македонскиот народ на преминот од XIX кон XX век, поставена е селекција од 50-на драгоцени, ретки стари фотографии токму од Охрид, кои се дел од исклучително значајната колекција фотографии направени од научноистражувачката експедиција на Руската академија на науките, предводена од историчарот на уметност Н. П. Кондаков, која престојувала во Македонија во 1900 година.
Изложбата е подготвена од доц. д-р Емилија Апостолова-Чаловска, архитект од Институтoт за фолклор Марко Цепенков од Скопје, а графички и компјутерски подготвена од архитект Славица Георгиева од Макас инженеринг.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура, во рамки на годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2024 година.