Во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, од 18 до 30 овој месец ќе биде поставена изложбата „Од мој агол“.
Изложбата претставува презентирање на најдобрите фотографии од децата со аутизам изработени во текот на организираното фотографирање на различни локации од градот Скопје, каде низ нивна призма и од нивен агол е доловен амбиентот на тоа што го доживеале.
Националната галерија на Македонија како општествено одговорна институција од областа на културата во рамките на својата програма реализира голем број на проекти наменети токму на ранливите категори на деца со цел да ги едуцира и да ја афирмира уметноста и културата.
Изложбата „Од мој агол“ е дел од проектот „Уметност за сите“ кој е поддржан од страна на Холандската амбасада во Македонија. Тенденцијата на пораст на аутизмот во глобални рамки е своевиден факт и токму поради тоа чувствуваме дека е потребно подигање на јавната свест кон овие лица.
Отворањето на изложбата ќе биде збогатено со настап на професионалните танчери со Даунов синдром од студиото Dancers United МК.