Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, попладнево беше отворена изложба на дела откупени со вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на уметнички дела и скулптури од галериски формат за 2015 година.
На конкурсот се откупени 59 дела од 52 автора, од кои 43 ликовни остварувања, а 16 се скулптури. Избрани се од стручна комисија во состав: Викторија Васева-Димеска, Конча Пиркоска, Сафет Ахмети и Маја Неделкоска-Брзанова.
Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со новиот конкурс постојаните поставки и депоата на националните музеи, како и просторите на државни институции, ќе се дополнат и збогатат со дела на еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставија траен белег во македонската ликовна уметност. Потсети дека конкурсот за откуп е стимулативна мерка од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 чија цел е и да се поттикне домашното уметничко творештво и афирмацијата и статусот на македонските уметници.
На првиот конкурс за 2014, и на овој, втор конкурс за 2015, откупени се вкупно 113 ликовни дела и скулптури од галериски формат, за што од буџетот се одвоени 13.389.000 денари.
– Откупивме дела на автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, и кои осознавајќи го сопствениот вредносен код ги надминаа границите на нашата држава и го освоија европскиот културен простор, но особено радува фактот што не изостанаа и делата на младите македонски уметници со изразен творечки идентитет, рече Канческа-Милевска која ги повика уметниците да аплицираат и на следниот, трет конкурс за откуп.
Меѓу 43-те автори чии дела се откупени на овој конкурс, се: Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Томо Шијак, Иван Велков, Драгутин Аврамовски Гуте, Александар Јанкуловски Цане, Роберт Јанкуловски, Александар Станковски, Ирена Паскали, Антони Мазневски…, а меѓу авторите на скулптури се: Васко Василев, Јордан Грабуловски, Александар Ивановски Карадаре, Жарко Башевски, Исмет Рамиќевиќ, Ибрахим Беди, Илија Аџиевски, Бранко Јакшиќ…