Насловна / Вести / Изложба на уметнички дела од првиот Конкурс на Министерството за култура

Изложба на уметнички дела од првиот Конкурс на Министерството за култура

izlozba na otkupeni dela (3)

Од денеска до 7 април во галеријата Чифте амам е отворена изложба на дела прифатени на првиот Конкурс на Министерството за култура за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2014 година. На конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела. По изложбата во Чифте амам, 21 дело ќе биде дел од збирката на Музејот на современата уметност (МСУ), 15 ќе ги добие Националната галерија на Македонија (НГМ), а некои од делата ќе бидат подарени во државни институции.
Отворајќи ја изложбата во Чифте амам, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека со избраните 64 дела ќе се дополнат фондовите на институциите од ликовната уметност со дела на повеќе еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставиле траен белег во македонската ликовна уметност.

izlozba na otkupeni dela (2)
– Автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, уметници кои учествувале на значајни манифестации во земјава и во странство, како и дела од помладата генерација уметници со истакнат ликовен израз за кои ова ќе биде значаен поттик во натамошното дефинирање на нивниот творечки идентитет, – истакна Канческа-Милевска.

Уверена е дека оваа стимулативна мерка ќе има долгорочни придобивки за македонската ликовна уметност. Пред еден месец завршил и вториот конкурс за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2015 година, а избраните повторно ќе бидат презентирани на изложба.
Овој проект, кој е дел од Националната стратегија за културата 2013-2017, го поздравија првите луѓе на МСУ и НГМ – Елиза Шулевска и Маја Неделковска-Брзанова, и уметникот Данчо Ордев во име на Друштвото на ликовните уметници на Македонија-ДЛУМ.
Директорките на МСУ и НГМ нагласија дека со конкурсите перманентно, а не инцидентно како досега, ќе бидат збогатувани нивните колекции, дека се поттикнуваат уметниците да творат, се валоризира нивниот труд и нивните дела стануват подостапни и видливи за публиката.

Испрати коментар

Scroll To Top