Во Културно информативниот центар на Македонија во Софија, денеска во 18.30 часот ќе биде отворена изложба на Теута Хоџа-Имери, која се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија.
Изложбата ќе ја отворат Маја Неделкоска Брзанова, директорка на Националната галерија на Македонија и Васко Шутаров, директор на македонскиот КИЦ во Софија.
Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Македонија.
„Интимниот дневник во делата на авторката е проткаен со фрагменти од нејзиниот автобиографски, автореферентен љубовен дискурс, но во случајот семејниот. Дискретно, од една слика во друга, тој се јавува како лајтмотив и на различни начини понира и наново се појавува, прелевајќи се, и расејувајќи се низ богатата колористичка експресија на нејзините апстрактни слики. Секое платно на авторката претставува знак на сеќавање, но и омаж на некогашната заемна љубов испреплетена со радост, ведрина и внатрешна хармонија. Звуците од колористики разиграните сегменти, низ својот внатрешен синестезички принцип, на извесен начин се прелеваат во музички фрази, во траги на некогаш испеаните приспивни или љубени мелодии. Оттука сеќавањето за авторката, во овој циклус, претставува materia prima, од која ја изгради севкупната симфониска структура на нејзината полизначна и полифонична ризница на љубовта“, се наведува во соопштението за изложбата.