Архитектонска изложба на студентски проекти работени во рамки на Интегративното студио под раководство на Проф. д-р Михајло Зиноски на Архитектонски факултет -УКИМ Скопје, а во соработка со општина Центар.
Изложбата ќе се одржи од 6-10 Март 2023, во КСП – Центар Јадро, Скопје. Отворањето е во понеделник (06.03.2023) во 20:00ч.
Интегративно студио, 9 семестар 2022 / 2023 год.
Тема: Архитектонско и урбанистичко решение за НОВ студентски кампус
Локација: Кеј на реката Вардар (Судска палата), Скопје
Педагошки тим: Проф. д-р Михајло Зиноски, раководител, Котларовски Игор диа., Александра Марсениќ Крајчески спец. арх, Наташа Тодоровска Пренк диа., Оливера Ќоќоровска Митиќ диа., Јана Брсакоска м.арх.
Проектна задача:
Во процесот на транзицијата, после осамостојувањето на Р. Македонија, голем број делови и урбани единици во градот Скопје останаа плански и просторно недефинирани. Една од тие урбани целини е т.н. блок на „Судската палата 1“, во кој се наоѓаат најзначајните јавни објекти од национален и општествен стандард во градот Скопје.
Преку програмско и просторно истражување во предметната област, проектната задача претпоставува „иден модел“ на студентско домување и учење како дел од кампусот на УКИМ а воедно и просторно дооформување на урбаниот блок „Судска палата 1“.
Студентите ги анализираа веќе постоечките студентски капацитети во Скопје на програмско и типоморфолошко ниво. Преку препознавање на генеричките обрасци на постоечките објекти, анализата имаше за цел воспоставување метода на трансфигурација, трансформација и транскрипција во нови типолошки конфигурации.
Предложените архитектонски решенија во студиото истакнаа неколку аспекти за важноста на локацијата: присуството на јавна општествена институција во централното подрачје на градот Скопје, студентите како идна интелектуална елита на државата се корисници на објектот и високиот стандард на времено домување во објектот изразен преку содржините кои тие ги акомодираат.