Изложба на студентски цртежи, работени во рамки на редовниот предмет Ликовно изразување /II семестар/, генерација 2014/2015 и 2016/2017, поставена е во изложбениот простор на коридорот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Скопје.
На отворањето на 31 мај, среда, на присутните им се обрати деканот на Архитектонскиот факултет проф. д-р Минас Бакалчев, продеканот за настава доц. д-р Александар Радевски, проф. м-р Наташа Милованчев и демонстратор м-р Дарко Драгановски.
Изложбата претставува сегмент од наставната програма, концепирана така да низ бројни теми и разни цртачки техники, се поттикнат и развиваат умеењата на студентите за визуелен начин на размислување и графичкo изразување на идеја. Целта е развивање на перцепцијата и визуелизацијата на просторот како неопходен феномен во процесот на креирање на простор, просторни соодноси и волумени кај идните архитекти.
На изложените студентски цртежи, поаѓајќи од даден просторен модел со геометриски форми, низ процесот на редуцирање, поедноставување и транспонирање на тридимензионалноста во дводимензионалност, се минува патот од фигуративен до апстрактен знак. Покрај артикулацијата на личниот израз на студентот, целта е развивање на чувството за композиција преку анализа на линијата, површината, волуменот, формата и просторот, воопшто.
Вредност на истите, како методска единица, е токму во согледувањето на архитектонскиот простор преку два клучни аспекта. Првиот аспект е фигуративниот, зошто не станува збор за чиста апстракција, а вториот аспект е аспектот на структурата, од која всушност поаѓа и Неопластицизмот на „Де Стијл“ во својата ликовна синтакса, односно потрага по чиста, универзална ликовност и апсолутна хармонија, заснована на ред, смиреност и рамнотежа.
Изложбата е во знакот на одбележувањето на 100 години од движењето „Де Стијл“, едно од најзначајните во уметноста од дваесеттите години на 20 век, чиј оддек живо се чувствува и денес во областа на уметноста, архитектурата и дизајнот, а е посветена на неодамна починатиот академски сликар м-р Владимир Георгиевски, кој повеке од 25 години бил професор на Aрхитектонскиот факултет.
Наставен тим: aкадемски сликар и диа, проф. м-р Наташа Милованчев и диа. м-р Дарко Драгановски.