Во салонот за мебел „Think“, од 21 до 23 април, ќе биде отворена изложба на софистициран, современ накит од колекцијата насловена „РEфлексии“ на една од најактивните македонски дизајнерки, Јана Ацевска.
Изложбата ќе биде од продажен карактер, а накитот ќе може да се погледне и да се купи на 21 април (четврток) од 17 до 21 часот, на 22 април (петок) од 15 до 20 часот, како и на 23 април (сабота) од 10 до 15 до часот.
Релацијата на традиционалното со современото, е обид да се создадат нови приказни, единствени и специфични. Тоа е идејата на новата колекција „РEфлексии“ на Јана Ацевска, која се потпишува под името „Капка“.
Накитот е инспириран од текстури, од бои и од материјали присутни во македонската народна носија, а истовремено претставува и инспирација за креација на современи предмети врз основа на традиционални елементи. Прецизно избраните бои на стаклени мониста и метални нишки се основните материјали од колекцијата „РEфлексии“.
Всушност, она што овој пат го издвојува накитот на Ацевска од останатите, е што парчињата накит сопственикот може сам да ги обликува и да создава своја лична приказна. „РEфлексии“ е спој на минатото, сегашноста и иднината, односно на креатори од минатото и на авторката, каде минатото и сегашноста се испреплетуваат.
Покрај новите парчиња накит од колекцијата „РEфлексии“, на изложбата ќе бидат претставени и творби од минатите и веќе познати колекции на Јана Ацевска, односно на уникатниот бренд „Капка“.