Во просториите на МЦ Галерија во Њујорк поставена е заедничка изложба на македонските автори Сашо Саздовски и Пандора Апостолоска-Саздовска.
Пандора Апостолоска-Саздовска на оваа изложба се претставува со инсталација Long. Loud. Silence, односно со (објекти) во кои ги истражува (скриените зборови) „отпечатоците“ од нејзината лична, но и колективна меморија.
Изложеното дело на авторот Сашо Саздовски претставува објекти, скулптури со наслов „Разлики“, коешто е во континуитет и тематски се надоврзува на неговата истражувачка работа во изминатите години наназад.
Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник и во нејзините дела на кои е фокусирана во последните пет години, а ги работеше за време на студиските престои во Австрија и Кореа „Територијална, Гранична линија“ и „Црвена линија“ во Абу Даби УАЕ, таа ги истражува аспектите на војната. Во последниот циклус „Детска игра“ со кој се претстави во Венеција, Италија, Германија и Катар, авторката е фокусирана на аспектите на војната од психолошки агол – колку војната и насилството имаат влијание врз децата и какви се последици оставаат зад себе.
Сашо Саздовски во својот последен циклус на скулптури „Фамилија“ кои ги работеше во последните неколку години за време на студиските престои и изложби во Австрија, Франција, Турција, УАЕ, Германија, Косово, Италија, ги преиспитува своите лични ставови и погледи на одредени светски прашања со кои секојдневно се соочуваме, односно преку ликовна форма се обидува да ги долови клучните моменти во човечкиот живот како единка која припаѓа во одреден круг на едно општество.