Насловна / Арт и дизајн / Изложба на руската авангарда и спортот во чест на Сочи

Изложба на руската авангарда и спортот во чест на Сочи

rsz_sports_parade_1936_2092x1046
Изложба „Руската авангарда и спортот” е отворена во Олимпискиот музеј во Лозана организирана во чест на отвoрањето на Олимпијадата во Сочи. Поставката има цел да покаже дека Русите одамна ја сфатиле поврзаноста меѓу масовните спортски настани и политиката. Градењето на новиот Советски Сојуз по руската револуција, меѓу другото, вклучувало промоција на хигиената, здравјето и добрата физичка кондиција на рускиот работник. Со работна недела од 37 часа нему му биле овозможени услови да се посвети на грижата за негување на здрав дух во здраво тело.
Спортот во Русија бил главно аристократска занимација и Советите немале изградено спортска култура, ниту пак соодветна инфраструктура. Но тоа наскоро се променило со организирање на првите „работнички спортски игри“ наречени Спартакијади. Името доаѓало од Спартак, робот-бунтовник.

За да се прошири пораката за потребата од физичка активност, биле ангажирани и уметници. Тоа било добра комбинација, бидејќи кубизмот и футуризмот, како и рускиот конструктивизам и супрематизам како авангардни движења, одговарале за промоција на новиот руски човек. Уметници како Александар Родченко, жена му Варвара Степанова, Казимир Маљевич и Ел Лисицки, биле ентузијастични пропагатори на оваа идеја, која ја вклучувала и новата руска жена, која имала рамноправно место во рускиот спорт.

Спартакијадата за прв пат била одржана во 1928 во Москва. Таа е претстава на достигнувањата на физичката култура, мешавина на парада, уметничка гимнастика, спорт, музика и танц. Тука немало натпревар, односно не бил избиран победник. Во 20-тите години на минатиот век дури имало и дискусии дали треба да се забрани фудбалот, кој подразбирал дека некој мора да победи. Кон средината на 20-тите заради бојкот од Запад, Советскиот сојуз не смеел да учествува на глобални натпревари, па Спартакијадите до 1952 год., кога СССР сепак му се придружила на Олимпиското движење, останале единствена меѓународна спортска манифестација. Имено, освен локални и регионални Спартакијади во рамки на Советскиот Сојуз имало и меѓународни, во кои учествувале и други земји од „источниот блок”, и тоа организирани во Берлин, Осло и Антверп.

Испрати коментар

Scroll To Top