Утре (7 април) во 19 часот, во ликовниот салон при МАНУ, во соработка со НУ Национална галерија на Македонија, ќе се отвори самостојна изложба на Решат Амети по повод 25 години од неговото ликовно творештво.
Решат Амети дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1989 година во класата на Ана Темкова, а дипломската работа ја одбранил кај Ристо Калчевски кој ја има извршено првата уметничка филтрација на Амети, кој му го иницирал интересот за геометрија, фактичност и текстура за магијата на белината. Изложбата е пресек на 25-годишното творештво на авторот, опфаќајки ги сите периоди во неговото сликарство. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника и масло на платно. Решат Амети е сликар на тајната, што на своите платна ја открива со моќта на целокупното свое битиe барајќи од гледачот на неговите слики интуитивна моќ на внатрешната рефлексија и перцепција.Добитник е на повеќе награди и признанија, како наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ од ДЛУМ- 2009 година и наградата „11 Октомври“ за сликарство 2014 година. Учесник е на многу ликовни колонии во државата и надвор.
Изложбата ќе биде отворена до 21 април, а ќе ја отвори Ефтим Клетников, поет. Куратор на изложбата е вишиот кустос, Маја Крстевска.