Национална галерија во Лондон организира изложба насловена како „Гоја: Портрети“ во чест на Франциско Гоја (1746-1828), на која се поставени 70 слики на големиот шпански мајстор, а изложбата, која ќе биде отворена денес, ги претставува некои од најпознатите портрети на современиците на Гоја – од аристократи, интелектуалци до колеги уметници.
„Досега никој не направил изложба само на портрети од Гоја, затоа што е малку ризично. На луѓето може тоа да биде им биде досадно”, изјави Гзавие Бре за АФП, куратор на изложбата „Гоја: Портрети“.
Меѓу изложените дела, се и неколку од автопортретите на Гоја направени во различни периоди од животот на уметникот кои сведочат за развојот во неговото творештво.
Главната точка на изложбата е портретот на војвотката од Алба, реализиран во 1797 година. Слика на која аристократката е представена во црно – таа е во жалост за смртта на нејзиниот сопруг, и е еден од најголемите мистерии во сликарството на Гоја.
Зборовите „siempre Гоја“ (Гоја засекогаш) се напишани под нејзините нозе. Во една од биографиите на Гоја, авторот Роберт Хјуз, пораката ја толкува како изјава на љубовта кон Војвотката од Алба, за која се шпекулирало дека била љубовница на Гоја.
За Бре пораката е израз на уметничка автентичност: како Алба сакала да каже „само Гоја може да ме наслика”“.
Гоја бил фасциниран од оваа жена со исклучителна убавина, но и со изразена екцентричност.
Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари наредната година.