Во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, вечерва (29 декември), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена музејската поставка „Археолошка изложба 2014″, која ќе вклучува повеќе од илјада артефакти од единаесет археолошки локалитети.
Посетителите ќе можат да ја видат богатата колекција од 405 монети на македонските кралеви од Археолошката музејска збирка на Филозофскиот факултет од Скопје, двата штита од 3. век п.н.е. пронајдени на локалитетот Старо Бонче, близу Прилеп, но и репрезентативните монети и предмети од локалитетот кој прв пат се ископуваше во 2014 година – Градиште кај село Младо Нагоричане.
Поставката ги вклучува локалитетите: Старо Бонче со гробницата од македонски тип од 3 век п.н.е., потоа Висока на врвот на Селечка Планина, античката Билазора кај Свети Николе, Градиште – Младо Нагоричане близу Куманово, Скупи кај с. Злокуќани, Стибера близу Прилеп, Хераклеја Линкестидска кај Битола, Стоби кај Градско, Баргала кај Штип, Цареви Кули над Струмица и Маркови Кули на Водно, Скопје.
Истражувањата на споменатите локалитети се дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија, а се реализираат во координација на Управата за заштита на културното наследство во соработка со Заводите и Музеите и други културни установи од Р. Македонија.