Утре (6 април), во објектот Мала станица на НГМ, ќе биде отворена изложба на пет млади косовски уметници.
Националната галерија на Македонија (НГМ) ќе биде домаќин на Националната галерија на Косово, која ќе претстави концептуален проект насловен „АР 2016 / Young Art“ на пет млади косовски уметници кои биле финалисти на натпревар.
Учесници на изложбата се авторите: Луан Бајрактари, Јетула Сулејмани, Бујар Сулејмани, Агрон Блакчори и колективот „Have It“, кој на задутрешното отворање на изложбата ќе има перформанс.
Директорката на Националната галерија на Косово Арта Агани, на прес-конференција истакна дека „АР 2016/Young Art“ е нов проект кој им овозможува на младите уметници да ги изразат своите ставови преку уметноста.
– За да имаат изложба, уметниците во Косово треба да имаат искуства со други изложби што, според нас, е аномалија. Затоа одлучивме преку оваа изложба да им овозможиме на младите да имаат своја изложба, без разлика дали имале или немале искуство претходно. Натпреварот ги опфати сите заинтересирани уметници до 40 години. Со тоа ги стимулиравме младите уметници и им отворивме можности за меѓународни претставувања, – рече Агани.
Посочи и дека важноста на овој проект е и во соработката меѓу Македонија и Косово бидејќи, како што рече, не сме само географски блиску, туку и од аспект на културата, и ова ќе овозможи меѓусебно запознавање.
Кустосот на проектот „АР 2016 / Young Art“ Мехмет Бехлули, рече дека се работи за доста сложена изложба која е една од најзначајните што се случиле во Косово.
– Како професор на Факултетот за ликовна уметност во Косово имам контакт со младите секојдневно. Ние ги стимулираме младите да создаваат современа уметност базирана на традицијата. Ќе имате можност да видите и форми и изрази кои не се традиционални, меѓутоа се слични со уметноста во светот, – рече Бехлули.
Кустосот во НГМ Ана Франговска истакна дека уметничката сцена во Косово има млади автори со европски ликовен израз, едуцирани надвор од Балканот кои, како што рече, се вклучени во создавањето на косовската културна стратегија.
Директорката на НГМ Дита Старова-Ќерими истакна дека изложбата на најдобрите уметници во Косово во 2016 година е и прва размена меѓу националните галерии на двете земји.
НГМ на Македонија ќе го возврати гостувањето во ноември, со патувачката изложба „Есенција на егзистенција“ подготвена од кустосите на НГМ Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска.