Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на 21 октомври 2015 година, (среда), во 20 часот ќе се отвори изложба со наслов „Хронологија на дневни записи“ на авторот Мирко Вујисиќ.
„Хронологија на дневни записи“ го сублимира досегашното творештво на авторот, презентирајќи избор на дела кои го рефлектираат неговиот интензивен интерес кон различни ликовни медиуми – графиката, цртежот и сликата. Во случајов, може да констатираме дека наведениот поим хронолошки записи се однесува на презентирање на дела од неговите почетоци, па се до денес, но интенционално е избегната инскрипцијата на конкретни наслови и години на изработка, оставајќи на посетителот самиот да ја исчита приказната низ претставениот сублимат на поетиката на различности.
Мирко Вујисиќ е веројатно најпрепознатлив во однос на својот примарен афинитет кон графичките техники, каде мајсторството на авторот е евидентно преку застапеноста на сите графички техники (длабок печат, бакропис, сува игла, акватинта…). Како техника графиката изискува дисциплинирана подготовка, но неговите графички листови оставаат и чувство на експресивни компактни впечатоци, со сигурна динамична линија и нагласен ритам и контраст, при што изразните модулации отсликуваат сугурна калиграфска виртуозност која без двоумење ја разигрува цврстината на целината. Просторната организација на целината е организирана во планови преку кои се добива длабочина на црно-бело тонираниот свет, чија суптилна и мека основа е нарушена преку минуциозниот третман на линеарното дејствување и предавањето на портретот со неговите психолошки состојби како еден од примарните мотиви во ликовната уметност.
Овие секвенци / дневни записи се интимни по својата природа и во нивната основа е сместен човекот како средиште и мерило на сите ствари, знак и средиште на уметноста. Портретите на класични фигури и нивниот третман во творештвото на Мирко Вујисиќ, на одреден начин може да се толкуваат како рецидиви од севкупната ликовната наобразба на авторот. Без оглед дали станува збор за графика, цртеж или слики, она што ги поврзува е евоцирање на еден суптилен и специфичен имагинариум на загубени светови во манир на Платоновиот „свет на идеи“ во кој преовладуваат претстави на митски и сопствени наративи како лирско бегство од секојдневието.
Мирко Вујисиќ е роден во Прилеп во 1957 година. Училиште за применета уметност, оддел графика завршил во 1977 година. Во 1979 година дипломирал на Вишата педагошка академија во Скопје. Во 1984 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот графика, во класата на проф. Драгутин Аврамовски – Гуте. Во 1998 година завршил постдипломски студии на одделот за графика во Белград во класата на проф. Небојша Радојев. Во 1990 година ја користи стипендијата „Моша Пијаде“, односно користи студиски престој во Sitè des Art во Париз. Од 1985 година до денес работи на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Авторот има десетина самостојни изложби во државава, а учествувал на повеќе меѓународни изложби на графики и цртежи ширум светот, како и на голем број ликовни колонии во земјава и во странство. Добитник е на повеќе домашни и странски награди.