По повод Денот на државноста на Црна Гора, вечер во Музеј на Град Скопје, во рамки на фестивалот „Скопско лето“, ќе биде отворена изложба на црногорската уметница Милена Мијовиќ – Дурутовиќ, организирана во соработка со Заедницата на Црногорците во Македонија.
Мијовиќ – Дурутовиќ (Цетиње, 1971) дипломирала во 1994 на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње, гарфички оддел, а продолжила на постдипломски студии на ФЛУ во Белград, во класата на проф. Мило Грозданица. Од 1994 е член на УЛУЦГ. Во 1999 година била на студиски престој во Cite International Des Arts во Париз.
Имала повеќе самостојни изложби и учествувала во групни претставувања во Црна Гора и во странство. Нејзини дела се наоѓаат во колекциите на Народниот музеј во Цетиње, Центарот за современи уметности на Црна Гора во Подгорица, во колекцијата на галеријата „Хаос“ во Белград и во многу други приватни збирки. Од 1996 година е кустос во Центарот за современи уметности на Црна Гора.
– Во фокусот на уметничките истражувања на авторката се најдлабоки и најосетливи душевно-мисловни процеси. Добро однегуван и препознатлив ликовен ракопис, авторката овие сложени процеси ги трансформира, визуелизира во редуцирани знакови и симболи, оптоварени со универзални значења. Делата се ослободени од традиционалните функции на дискрецијата, но и модернистичка автономност на сликата. Наместо тоа, авторката на сликите со монументална форма инвестира во други арбитражни значења, како што се симбиоза, енергија и движење, пишува во каталогот за изложбата.