Вечер во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот ќе се отвори изложба на Милан Коњовиќ.
Историјата на уметноста покажа дека Милан Коњовиќ е еден од оние уметници кои оставиле битно влијание врз тековите во бившото југословенско сликарство на дваесетиот век. Својот творечки опус го започнува во текот на втората деценија на минатиот век, а го завршува на почетокот на деведесетите години на минатиот век, поточно 1993 година, кога почина во својот Сомбор. Имено, Коњовиќ во некои кардинални моменти на бившото југословенско сликарство се појавува со творештво кое антиципира, инаугурира и ги потврдува особеностите на доаѓачките трендови во уметноста. По прелудијските остварувања во манирот на импресионизмот и постимпресионизмот, Коњовиќ својот сликарски концепт го продолжил со рационалистички пристап кон бојата и формата, доспевајќи меѓу првите во југословенското сликарство до кубизмот, подоцна инсистирал на колоризмот и експресионизмот, кој ќе стане обележје на севкупното негово творештво.
Изложбата се реализира во соработка со Галерија „Коњовиќ“ од Сомбор и Завод-Музеј Штип.