Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на манифестацијата Охридско лето, на 17 август, недела, во 21.00 часот, ќе биде отворена изложба на мебел од дизајнерот Кирче Стојоски.
Оваа изложба на парчиња мебел е збир на традиционален, артистички, концептуален и иновативен метод на дизајнирање и изработка. Мебелот се идентификува со карактер на скулптурност, оригинална форма и баланс на бои и структурна перфекција. Појдовниот концепт на секое дело е токму неговата уметничка вредност, а формата никогаш не следи, туку таа е форма што води.
Кирче Стојоски е роден на 5 февруари 1978 год. во Охрид. Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериери. Има учествувано на повеќе самостојни и групни изложби како и на Охридско лето 2012, Скопје Дизајн 2013, Регионалниот фестивал за дизајн во Србија, Дан Д во Хрватска, Софија дизајн и многу други. Денес работи како дизајнер во фирма за проектирање и изведба на мебел.