Со повеќе од 460.000 посетители од отворањето, во пролетта оваа година, до затворањето на изложбата на Анри Матис The Cut-Outs во галеријата Тејт Модерн во Лондон, овој настан стана најпопуларниот од ваков вид во Англија во последните седумнаесет години. По речиси пет успешни месеци во Лондон, изложбата е преселена во МоМА во Њујорк, каде што на посетителите ќе ѝ биде достапна до 6 февруари следната година.
За разлика од поставката во Тејт, која се состоела од дела создадени помеѓу 1937 и 1954 година, во МоМА за првпат по дваесет години е изложен најголемиот и најамбициозниот труд од овој период – La Pisine (Базен), создаден во 1952 година.
Моќта и експресивноста на Матисовите колажи се наоѓа во едноставноста, не само во однос на природата на формите туку и во процесите на настанувања. Овие дела се создадени од едноставни материјали со користење на основните техники, со кои Матис претставата ја редуцира на есенцијални делови, како што се боја, форма и цртеж.