Во Музејот на Град Скопје синоќа беше отворена изложбата на сите проекти со кои земјава учествуваше на Венециското биенале на архитектура. На изложбата насловена „Република Македонија на Венециско биенале за архитектура 2004-2012“ за првпат на едно место се претставени петте проекти на престижната манифестација, каде на секои две години се презентираат архитектонски трудови од целиот свет. Изложбата ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Преку учествата на Венециското биенале, Република Македонија се етаблираше во меѓународниот културен контекст и стана видлива како земја која поседува голема креативна моќ, земја на автори кои имаат изразени, сопствени ставови со кои се афирмираат македонската архитектура и култура во светот“, истакна Канческа-Милевска.
Така, на изложбата во 2004 година Македонија го претстави проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“, две години подоцна „Град на можни светови“ кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон, во 2008 беше изложено делото „Метамак отсечоци“, во 2010 „Учење архитектура“ и пред две години „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“.
Комесар на петте учества беше Фросина Зафировска од Музејот на Град Скопје, а куратори беа: Влатко П. Коробар (2004, 2008), Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља (2006, 2008, 2010) и Александар Радевски и Саша Тасиќ (2012). Како автори на проектите учествуваа над 30 професори и архитекти и 101 студент на прва година на Архитектонски факултет (2009/2010) за учеството во 2010 година.
Одделните изложби се надополнети со фотографски и видеоматеријал, на кои е прикажан процесот на реализацијата на изложбите од почетната идеја до конечната реализација во Венеција.
Изложбата на петте проекти ќе биде поставена до 6 април 2014.
На нејзиното конципирање заедно со екипата од Музејот на Град Скопје и кураторите на изложбите работеа и авторите Бетим Зекири, Никола Стрезовски, Јован Ивановски и Владимир Десков.
За потсетување, оваа година проектот „Наоди“ на носителот Младински културен центар од Скопје ќе ја претставува Македонија на 14. издание на Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција, што ќе се одржи од 7 јуни до 23 ноември, на тема „Темели – прифаќање на модерноста: 1914-2014“, поставена од страна на кураторот на Биеналето, Рем Колхас. Во „Наоди“ ќе учествуваат архитектите Јован Ивановски, Александар Радевски, Ана Ивановска, Огнен Марина, Бојан Каранаков, Владимир Десков и Горан Мицковски, куратор е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, а комесар на претставувањето е Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар.