Насловна / Арт и дизајн / Изложба на керамики од Филип Фидановски -„ПИКАСО МОЖЕБИ ЈАС 2“

Изложба на керамики од Филип Фидановски -„ПИКАСО МОЖЕБИ ЈАС 2“

Во петок, 25. октомври во Музеј на град Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложбата на керамики од Филип Фидановски со наслов „ПИКАСО МОЖЕБИ ЈАС 2“.

На изложбата ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.

Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава: НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.

Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Г-дин. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија.

За изложбата во каталогот амбасадорот ќе напише: „Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници“.

Куратор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски кој во текстот во каталогот ќе заклучи: „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо“.

Изложбата „ПИКАСО МОЖЕБИ ЈАС 2“ ќе биде отворена до 5. ноември 2024 година.

ФИЛИП ФИДАНОВСКИ (Скопје, 1977)

Во 1996 година завршува Средно уметничко училиште завршува во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 – 2010 е: доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музеј на Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателје за музејски копии при истиот Музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020 – 2021 е директор на уметничкото училиште Државно средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ – Скопје; 2020 – 2022 е претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија; во 2023 е член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура. Автор е на „Прирачник за изведување на настава по ликовно образование“ како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор. Добитник е на наградите: (2018) Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје; Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“ за мал формат од Културно информативен центар – Скопје. (2015) Награда за скулптура мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ. (2007) Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ, (2000) Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета).

Денес живее и работи во Скопје.

Подетално за авторот и неговото творештво на веб страницата на авторот: https://filipfidanovski.mk/

Испрати коментар

Scroll To Top