Во рамките на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој ќе се одржи на повеќе локации, ќе биде отворена изложба на илустрации на еден од доајените на македонското сликарство, Димитар Кондовски.
Изложбата ќе се отвори на 14. октомври во Национална галерија на Република Северна Македонија, објект „Мала станица“.
На 14. октомври децата ќе можат да се втурнат во волшебниот свет на Кондовски. Илустрација за деца, илустрација за корици за книги и сценографија од илустрациите, како и работилници ќе бидат организирани во рамките на фестивалот „Литера“ во „Мала станица“. Поради мерките за заштита од Ковид-19, изложбата ќе биде организирана под посебен протокол и наменета за помали групи деца.
„Кондовски, во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвуваме“ – вели Дита Старова-Ќерими, директорка на Национална Галерија.
Излижбата на илустрации на Димитар Кондовски ќе биде отворена до 1. ноември 2020.
#litera2020 #Кондовски