Поставена е голема изложба на фотографии Bailey’s Stardust од Дејвид Бејли во црквата „Св. Ана“ во Арл, Франција, пристигната од лондонската Национална галерија на портрети.
Повеќе од 50 години, Дејвид Бејли снима за најголемите модни списанија (само за британскиот Vogue има снимено 350 насловни страни), режира рекламни кампањи и видеа, а работи и на сопствени фотографски проекти. Фантастичната изложба Bailey’s Stardust е составена од сите овие компоненти, а самите изложени фотографии лично авторот ги одбрал.
Освен со модната фотографија, Дејвид Бејли се занимавал и со репортажна фотографија, посетувајќи ги речиси сите страни на светот, од Њујорк до Папуа Нова Гвинеја. Тој, исто така, снимал актери, писатели, музичари, филмаџии, дизајнери, уметници и секојдневни минувачи. Изложбата презентирана во Арл е поделена во неколку тематски целини – од неговите патувања низ светот, преку културните аспекти на фотографијата, до делови посветени на модата и уметноста. На изложбата се поставени и фотографии од неговите најголеми серии Box of Pin-Up и Bailey’s Democracy. Во првата се содржат портрети од ѕвездите на 60-тите години на минатиот век, а во втората фотографии на актови од студиото на Бејли.