Изложба на фотографии насловена „Корелација“ од Јана Луловска ќе биде отворена вечер со почеток во 18.30 часот во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Изложбата која е дел од годишната програма на Центарот во Софија, ќе ја отвори директорот Васко Шутаров. „Корелација“ е прва самостојна фото-изложба на Луловска во Софија.
– Првата самостојна изложба на збирката фотографии на младата авторка Јана Луловска под наслов Корелација, се состои од дваесет диптиси, генерирани од и посветени на балканскиот пејзаж. Низ овој жанр, како и низ користењето на старата класична и некогаш популарна благородна техника гумитилија, Луловска се обидува, во ерата на сеопшта дигитализација/виртуализација, низ реактуализација на оваа техника да си ја овозможи најнапред креативната слобода, која се темели на телесната сличност на знакот и на објектот кој го третира, – вели за изложбата Конча Пиркоска.
Јана Луловска е родена 1986 година во Скопје, Република Македонија. Завршила уметничка и применета фотографија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија. Досега има реализирано неколку самостојни изложби во Скопје и повеќе групни изложби, меѓу кои и неколку во Бугарија. Делата ќе бидат изложени во македонскиот КИЦ до 6 април. Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на Македонија.