Вечер во Музејот на Град Скопје, ќе биде отворена изложба на фотографии од Иван Кал’чев. Тој е фотограф и графички дизајнер, член е на Друштво на ликовни уметници на Гевгелија од 2009 година, а од 2005 до 2011 година остварил неколку групни изложби во земјава и странство.
На оваа изложба, авторот Иван Кал’чев ќе презентира над 25 фотографии што се работени последните три години на различни локации, и за него преставуваат еден вид инспирација но истовремено и провокација.
-Светлина. Семоќна. Сеприсутна. Боговите ја воздигнуваат, а ние често ја забораваме. Затоа секое потсетување на неа во каква било форма нè враќа само на есенцијата. Одушевувањето од неа не може да ве остави рамнодушен. Се добива чувството на, за кратко време, добиена битка, но таа е полукава од нас и можеби затоа еден уловен миг ни се чини цела вечност. Во секоја наредна секунда таа е само чекор пред нас. Низ фотографиите снимени во минатите две-три години, на разни места, главно заборавени и напуштени од човечка рака, сакав да и го дадам вистинското заслужено место на нејзиното Височество. Оти таа умее на чуден начин да ги облагороди, вели авторот за темата на неговите фотографии.