Триесет и две најдобри фотографии направени во досегашните истражувања од проектот „Викиекспедиции” на Википедија на македонски јазик ќе бидат претставени на изложба „Во допир со Македонија” во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба” од 11 до 15 април.
Со изложбата ќе бидат одбележани три години од успешното спроведување на проектот „Викиекспедиции“, кој опфаќа теренски истражувања и посети на различни области на Македонија. Нивната цел е да помогнат во подобрување на постојните и создавање нови статии за градовите, селата, географските области и особености во областите низ целата територија на Македонија на македонски јазик од страна на активните корисници и уредувачи.
По тригодишно истражување и посета на 17 региони на Македонија, направени се 4.302 фотографии и се уредени и создадени 266 статии на Википедија на македонски јазик за села, верски храмови, културни и природни знаменитости.
Посетителите ќе видат фотографии и ќе бидат информирани за достигнувањата на проектот, неговото значење и значењето на слободната енциклопедија Википедија и проектите на Викимедија кои, како што истакнуваат организаторите, во современото дигитализирано живеење ја нудат можноста да сме во допир со она што ја претставува и сочинува Македонија.
Изложбата се совпаѓа со почетокот на четвртата сезона на викиекспедициите. На нејзиното отворање в среда од 20 часот ќе има и краток осврт од членовите вклучени во теренските истражувања.